Јужноафриканскиот спринтер Акани Симбине направи подвиг со кој го собори рекордот на легендарниот Усеин Болт. Симбине повеќе од една деценија настапува на меѓународната сцена, а иако има 31 година, потврдува дека уште е во одлична форма.
На митингот „Златен Гран При“ во Габороне, Боцвана, Симбине победи на трката на 100 метри и тоа со време од 9.90 секунди. Со оваа трка, спринтерот направи подвиг што не му успеал ниту на легендарнот Болт.
Ова е 11-та година по ред како Симбине успева да истрча една трка на 100 метри со време под 10 секунди. Со тоа постави нов рекорд, кој претходно го делеше со легендарниот светски рекордер Усеин Болт. Болт имаше низа од 10 години по ред на кои стотката ја трчаше со време под 10 секунди.
Сега и официјално Симбине е прв на листата на великаните на светскиот спринт, оставајќи го зад себе светскиот рекордер, но и легендите како Асафа Пауел (9 години), Морис Грин (8) и Тајсон Геј и Џастин Гетлин (7). Личниот рекорд на јужноафриканскиот спринтер на 100 метри е 9,82 секунди поставен минатата година.