И Црна Гора кога загуби 0-7 од Англија, нивниот селектор исто така „не испадна кукавица“

Македонија не е првата фудбалска жртва на Англија од која загубила со 0-7, а треба да се знае дека и катастрофалниот пораз од Гордиот Албион не е единствена причина зошто во јавноста се бараат оставки на селекторот Благоја Милевски и на раководството во ФФМ.

Дебаклот од 0-7 е нешто невидено во историјата на македонската селекција, и тоа поразот го претрпе една од најдобрите генерации кои сме ги имале во овие 30 години самостојност, со неколку фудбалери кои настапувале и уште настапуваат во топ лиги. Со 0-7 националниот тим не губел ни кога бил со посиромашен играчки кадар од сегашниот.

Разочарувањето е големо затоа што за неколку дена се случија два големи шока, најпрвин поразот од Украина во меч кој и според англискиот селектор Герет Саутгејт, требаше да го добиеме, а сега и очајот на „Олд Трафорд“ кога имавме многу нули во статистиката и бевме премногу меки, само со 8 направени фаули за 90 минути игра, што е доказ за немоќ и погрешен пристап.

ЕП 2024 речиси сигурно ќе мине без учество на Македонија, а кога нема резултат, обично селекторот е тој што ја плаќа цената. Милевски синоќа се извини и рече дека е човек кој не се предава и дека ако се повлече, би испаднал најголема кукавица.

Пред Македонија, рекордни 0-7 од Англија претрпе и Црна Гора на „Вембли“ во 2019 година. Тогашниот селектор на Црногорците, Фарук Хаџибегиќ, исто така одби да си даде оставка, но оправдувањето му беше неиграњето на Јоветиќ, Савиќ и некои други важни играчи. И тој прифати дека има вина за поразот, но не се повлече.

Од почетокот на 2022 наваму, со Милевски имаме само четири победи, од кои три се против Гибралтар или Малта. Незаборавна е големата победа над Италија, но од стара слава не се живее, ни таа победа не ја однесе Македонија на Мундијал.

Во истиот период имаме и седум порази, губевме и од Грузија, Бугарија и Азербејџан, а според распоредот што го имаме во квалификациите, извесно е дека ќе следуваат нови порази, а атмосферата ќе биде уште полоша и фановите само ќе го засилуваат притисокот врз најодговорните.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

- Оглас -

Најнови вести