По освојувањето на златниот медал на Олимписките игри во Париз, Новак Ѓоковиќ реши да одмори и се врати во Србија. На тој начин, Ѓоковиќ свесно го пропушти Мастерс турнирот во Синсинати, каде што учествуваа останатите најдобри тенисери.
Србинот, кој беше на второто место на АТП-листата беше во опасност да падне дури на четвртото место, зависно од резултатите на турнирот во Синсинати. Сепак, сега е јасно дека Ѓоковиќ останува на второто место на АТП-листата што многу значи во пресрет на последниот гренслем-турнир сезонава, Отвореното првенство на САД.
Карлос Алкарас имаше шанса да го прескокне Ѓоковиќ на АТП-листата, но младиот Шпанец изненадувачки беше елиминиран уште на стартот во Синсинати. По лошиот настап во Синсинати, Алкарас остана на третото место на АТП-листата.
Шанса да дојде пред Новак имаше и Алекс Зверев. Тој требаше да го освои Синсинати за да дојде пред Србинот, но Зверев беше елиминиран во полуфиналето и јасно е дека нема шанси да дојде до второто место на АТП-листата.
Овој расплет во Синсинати значи дека Ѓоковиќ и Синер нема да може да се сретнат на Отвореното првенство на САД пред финалето, секако доколку двајцата бидат перфектни и ги поминат претходните ривали.
Од денеска започнуваат квалификациите за Отвореното првенство на САД и понудата е одлична.