Некогашниот фудбалер на Милан, а сега советник во клубот од „Сан Сиро“, Златан Ибрахимовиќ, зборуваше за случувањата во клубот, и тоа на преставувањето на новиот играч Сантијаго Хименес, кој дојде од Феенорд.
„Имавме убави, но и лоши моменти сезонава, но ние сме единствените кои сезонава освоија трофеј досега. Мислам дека сега ќе бидеме подобри. Ни недостасува константност. Гледаме дека не сме доволно добри и сакаме да го подобриме тоа. Многумина се прашуваат дали ќе ќе успееме да ја намалиме разликата во однос на водечките. Според мене, тимот сега е посилен. Ослободивме петмина играчи, а доведовме неколку квалитетни засилувања. Задоволни сме од тоа како изгледа тимот“, вели Ибрахимовиќ.
Милан одлично ја започна 2025 година откако го освои трофејот во Суперкупот на Италија, и тоа со победи над најголемите ривали Јувентус и Интер. Сепак, кога се работи за настапот во Серија А, Росонерите моментално се на осмото место само со 35 бода, дури 19 помалку од лидерот Наполи.
Милан утре го очекува уште еден голем предизвик, а тоа е мечот против Рома, во Купот на Италија.