Легендарниот Златан Ибрахимовиќ на српско-хрватски со примеси на англиски јазик даде интервју во емисијата „Неуспехот на првакот“ која ја води поранешниот хрватски репрезентативец, а сега тренер, Славен Билиќ.
Епизодата со Ибра од три дела ќе почне да се емитува од утре на Арена спорт 1 телевизија, а веќе има најава за дел од темите кои ги зборуваше Швеѓанецот со потекло од балканските простори.
„Не е тајна дека крадев велосипеди за да одам на тренинг. Не се возев со автобус затоа што немав пари“, вели во својата исповед Златан.
Тој откри и дека кога потпишал за Ајакс, мајка му Јурка видела негова слика на телевизија и мислела дека починал, а не му верувала оти потпишал професионален договор.
„Првиот пат кога потпишав за Ајакс, мајка ми ме виде на телевизија. Мислела дека сум умрел! Кога некој ќе умре, покажуваат негова слика. Ми се јавува да ме праша што се случило. Реков ќе бидам професионалец. И таа вели: Секогаш ме зафркаваш, и ми ја спушти слушалката“, рече популарниот Ибра.
Ибрахимовиќ бил премногу посветен на тренингот, а понекогаш и претерувал…
„Требаше да одам во тоалет, но не отидов. Трчам, трчам… Се по.рав, но продолжив да трчам. Тоа бев јас“, беше искрен Ибра.

