Шведската фудбалска легенда Златан Ибрахимовиќ жали што не играл за Баерн Минхен за време на неговата играчка кариера.
Во интервју за „Спортс илустрејтед“, Златан рече дека со задоволство би ги бранел боите на Баерн.
„Ми се допаѓаат стадионите во Германија, тие се секогаш полни. Искрено, во ниту еден момент од мојата кариера немаше можност да заминам во Баерн. Сигурно ќе беше убаво, но судбината имаше други планови за мене. Немаше да биде лошо да играм во Баерн, поради историјата на овој клуб. За мене Баерн е меѓу петте најдобри тимови во светот. Но, тие не можеа да си дозволат да ме купат“, рече Златан.
Швеѓанецот минатата година ја заврши кариерата, а моментално е консултант во италијанскиот клуб Милан. Во својата кариера ги освои титулите во фудбалските првенства на Италија, Шпанија, Франција и Холандија, а со Манчестер Јунајтед го крена и трофејот во Лига Европа.