Со победата од 4:2 на гостувањето против Болоња, екипата на Милан се искачи на лидерското место во Серијна А.
Гостите, многу потешко од очекувањата дојдоа до победата, иако во еден момент имаа предност од 2:0, а подоцна и имаа два играчи повеќе на теренот.
Златан Ибрахимовиќ повторно беше „главен“ откако најпрвин успеа да си постигне автогол, кој е прв во неговата кариера, а воедно и стана и најстариот играч во историјата на Серија А, кој што си ја затресол сопствената мрежа.
Болоња, херојски се бореше, но, не успеа да ги задржи налетите на Милан, и потклекна во последните минути.
Рафаел Леао во 16. минута погоди за гостинско водство, а до крајот на првото полувреме стрелаше и Давиде Калабрија, во меѓувреме домаќините го добија првото исклучување, откако Адама Соумару стартуваше жестоко.
Сепак, на самиот старт во второто полувреме, со автоголот на Златан Ибрахимовиќ и погодокот на Муса Бароу, Болоња експресно израмни.
Но, црвениот картон на Роберто Соријано во 58. минута ги „покоси“ домаќините, кои се држеа се до 84. минута, кога Исмаел Бенасер погоди со прекрасен удар од 20 метри, а „печат“ на победата стави токму Ибрахимовиќ во последните мигови.
Со овие три, Милан дојде до 25 бодови и се искачи на првото место во Серија А, имајќи еден бод повеќе од Наполи кој има и средба помалку.
https://www.youtube.com/watch?v=czJXutqhyk4