Ибрахимовиќ има понуда следната сезона да игра во друг тим во Серија А

По три години поминати во Милан, договорот на Златан Ибрахимовиќ истекува на крајот од овој месец, а легендарниот 41-годишен голгетер не планира да оди во пензија. Иако има константни проблеми со повредите, Ибра вели дека е подготвен да игра и следната сезона, а откри дека добил и понуда од еден калчолигаш.

„Од Монца ми порачаа дека имаат подготвено договор за мене. Сепак, моментално сум играч на Милан и горд сум на тоа. не верувам дека ќе се повлечам на крајот од сезоната. Знам дека морам да најдам добар баланс за иднината“, вели Ибрахимовиќ.

Поради повреда на коленото, Златан го пропушти најголемиот дел од сезоната која што изминува. Одигра само четири меча и постигна еден гол. Ова е втор престој на Швеѓанецот на „Сан Сиро“, откако претходно играше во периодот од 2010 до 2012 година. Во првиот период одигра 85 меча и даде 56 гола, а сега во 78 настапи постигна 37 погодоци.

Профи кариерата на Ибрахимовиќ започна во 1999 година кога заигра во тимот на Малме, а потоа има играно и за Ајакс, Јувентус, Интер, Барселона, ПСЖ, Манчестер јунајтед, ПСЖ и ЛА Галакси. Во октомври ќе наполни 42 години.

- Оглас -

Најнови вести