Зарем може да се очекува поинаква изјава од контроверзниот Златан? „Можам да играм до 50 години, ако најдам проект кој ќе ме стимулира“, истакна Ибрахимовиќ за италијанскиот таблоид „Газета дело спорт“. Искусниот шведски голгетер во периодот кога е во потрага по нов клуб тврди дека на високо ниво може да игра уште 12 години.
Добро се продава, знае како да привлече внимание, па затоа уште постојат клубови кои со задоволство би му ги исполниле сите услови. Калчолигашите чекаат нетрпеливо да ја донесе конечната одлука околу својата иднина, а Милан е тимот кој се спомна во неколку наврати како старо-нова дестинација на Златан.
Авантурата во Лос Анџелес му заврши, САД беше последната земја на која стапна со копачките. Претходно тоа го стори во Шведска, Холандија, Италија, Шпанија, Франција, Англија, претставувајќи гиганти како: Ајакс, Интер, Јувентус, Барселона, Милан, ПСЖ, Манчестер јунајтед. Ибрахимовиќ поради честото менување на средина, смело се спореди со еден италијански генерал од 19-тиот век, Џузепе Гарибалди, кој во свое време патувал низ светот за да присвојува различни култури.