Златан Ибрахимовиќ едноставно не знае што се случи со играта на Милан во второто полувреме од дербито против Интер. Росонерите одиграа одлично во првите 45 минути и имаа предност од 2:0, но потоа во второто полувреме се случи шок за гостите. Интер не само што успеа да ја стигне негативата на градскиот ривал, туку на крајот победи со 4:2.
„Тешко ми е да објаснам што се случи. На полувремето се договоривме дека првите 15 минути од вториот дел се најважни, но токму во тој период примивме два гола. Едноставно, престанавме да играме, не си ја додававме топката. Кога го примивме вториот гол за израмнување, сѐ пропадна. Чудно е тоа, во првото полувреме очекував повеќе од Интер. Не изгледаа како тим кој е на второто место на табелата, но подоцна покажаа…“, рече Ибрахимовиќ по синоќешниот пораз на Милан од Интер.
Шведскиот голгетер одигра одличен меч и даде гол, а имаше и асистенција. Со погодокот, Ибрахимовиќ стана најстар фудбалер на Милан кој погодил во градското дерби против Интер. Популарниот Ибра стрелаше на 38 години 129 дена.