Златан Ибрахимовиќ ќе игра најмалку уште една сезона за Милан, објави „Газета дело спорт“. Откако пропадна варијантата Ралф Рангник да биде тренер на Росонерите, работите се сменија и сега речиси сигурно ќе продолжи љубовта меѓу легендата и клубот од Милано.
Понудата на Милан е популарниот Ибракадабра да има годишна плата од 4 милиони евра, а плус ќе бидат вклучени и одредени бонуси.
Ова е голем пресврт што доаѓа по одличните игри и на Милан, но и на Ибрахимовиќ по рестартот на сезоната во Серија А. Росонерите се единствениот непоразен клуб во Серија А по камбекот на терените, а ветеранот кој има 38 години постигна шест гола на деветте меча што ги играше во посткорона ерата.
Милан по паузата од три месеци освои 36 од можните 42 бода и се проби до шестото место, што го води во квалификациите за настап во Лигата на Европа.