Златан Ибрахимовиќ бил пред трансфер во Наполи, открива самиот фудбалер во новата негова книга „Адреналин – мојата нераскажана историја“, која утре ќе биде промовирана.
Самиот Ибрахимовиќ откри дека во јануари 2020 година планирал да потпише за Наполи, но се случило нешто што му го променило мислењето.
„Го гледав документарниот филм за Марадона и решив да го направам тоа што тој го направи, да го освојам Скудетото со Наполи. Бев уморен од играње во Америка и затоа решив да си заминам. Менаџерот Мино Рајола ми рече дека треба да се вратам во Италија. Го прашав кој тим игра лошо, а тој ми рече дека Милан загубил со 5:0 од Аталанта во Бергамо. Тогаш падна одлуката да се вратам во Милано“, открива Ибрахимовиќ за тоа како решил повторно да го облече црвено-црниот дрес.
Милан од Аталанта загуби со 5:0 на 22 декември 2019 година, а тој веќе на 27 декември беше во Милано, каде што потпиша договор со тимот во кој уште игра.