Милан доживеа неочекувана елиминација од Лигата на шампионите откако на домашен терен одигра само 1-1 против Феенорд и не успеа да ја надополни негативата од 1-0 од првиот меч во Ротердам. Како еден од главните виновници за елиминацијата е посочен Тео Ернандес, кој заработи црвен картон за симулирање.
„Разочарани сме и лути. Мислам дека на натпреварот му недостигаше зрелост. Водевме со 1-0, продолживме да играме, судијата беше малку суров за црвениот картон за симулација. Разочарани сме, но сега е важно да останеме обединети како екипа, за да свртиме нова страница. Од утре ќе се подготвуваме за следната цел. Не сум лут на Тео. Кога ќе се случат овие ситуации не можеш да кажеш дали бил во право или не, мислам дека тој не е актер, тој ја игра својата игра и прави најдобро што може. Овие работи се случуваат на теренот“, вели Златан Ибрахимовиќ, кој ја има улогата на советник во Милан.