Со синоќешните два погодоци, негови први во 2021 година, Златан Ибрахимовиќ испиша историја со тоа што дури 23 календарски години по ред (првиот гол во октомври 1999 го даде за Малме) постигнува голови на официјални мечеви во сениорска конкуренција, и му донесе победа на Милан на гостувањето кај Калјари.
„Немав играно 57 дена, жал ми е, но се случува. Знаев дека еден гол не е доволен, морав да дадам и втор“ – рече Швеѓанецот.
Иако има 39 години, Златан ја игра својата најблескава голгетерска сезона во Италија, на 8 меча има 12 гола, поефикасен од него е само Кристијано Роналдо, но Ибра одигра и помалку натпревари. На прашањето дали верува во титула на Милан, Ибрахимовиќ одговори во свој стил.
„Верувам во мене, верувам во Златан“.
Росонерите се први со три бода предност пред градскиот ривал Интер со кого на 28-ми јануари ќе се сретнат во Купот, а добиваат нов играч во нападот, искусниот Марио Манџукиќ кој ќе го земе дресот со бројот 9.
„Среќен сум. Сега противниците ќе треба да се плашат од двајца“ – искоментира Златан за трансферот на Хрватот.