Бесарт Ибраими постигна ретко виден гол со лоб во третата минута за Шкендија, доволно за победа во Романија против Ботошани и пласман на тетовци во полуфиналето во квалификациите за настап во Лигата на Европа.
Најдобриот играч на македонскиот тим прекрасно забележа дека голманот Пап е излезен далеку од голот и откосо од многу тешка позиција постигна еврогол, што се покажа како доволен за пласман понатаму.
Подвигот на Шкендија е уште поголем ако се знае дека играа со фудбалер помалку од 67. минута, кога Арменд Алими доби втор жолт картон и мораше да го напушти теренот.
Потоа Ботошани имаше иницијатива, но за среќа на тетовци не успеа да постигне гол за продолженија. За домаќините играа двајцата наши поранешни репрезентативци Давид Бабунски и Стефан Ашковски.
Токму Ашковски бараше пенал во 26. минута, но шведскиот судија Ал Хаким не покажа на белата точка.
Во следното коло Шкендија треба да игра со победникот од дуелот меѓу Локомотив Пловдив и Тотенхем. Натпреварот во Бугарија е во тек, а моментно на десеттина минути пред крајот резултатот е 1:1.