Замислете Европско првенство во фудбал да се одржи во шест балкански земји – Грција, Хрватска, Србија, Албанија, Македонија и Бугарија, пишува германската веб-страница „Спортс рендер“ специјализирана за теми за стадиони низ целиот свет.
„Спортс Рендер“ има 167.000 следбеници, а во продолжението на текстот под наслов „Обединето балканско евро? Еве како би изгледало – спектакуларно“, германскиот новинар со балканско потекло објаснува зошто такво ЕП би било добра идеја.
Овој хипотетички турнир во 2036 година не само што би донел врвен фудбал во еден од најстраствените региони во Европа, туку би симболизирал и единство и соработка во историски сложен, но културно богат агол од континентот.
„Ко-домаќинството на турнирот би овозможило да се претстават разновидните стадиони, навивачки култури, градови и пејзажи во регионот. Од јадранскиот брег на Хрватска до античките урнатини на Атина, Балканот нуди мешавина од историја, фудбалска страст и потенцијал за незаборавен меѓународен настан“, стои во текстот.
Се предлага и на кои стадиони би се играло, од Македонија тоа е Скопје со Арената „Тодор Проески“. Зошто Македонија? Со настапот на претпоследното Европско првенство, Македонија го претставува аутсајдерскиот дух на балканскиот фудбал.
Во секоја од шесте земји би се играле мечевите од групната фаза, а финалето би било во Атина или Белград. Фан зони би имало на плоштади и крајбрежни зони од Тирана до Солун.
Предизвици би биле политички тензии, бидејќи регионот има сложена историја на ривалства и конфликти, потоа разлики во инфраструктурата, во некои земји ќе треба да се модернизираат стадионите и транспортните мрежи, како и координацијата, домаќинството со повеќе држави бара огромно ниво на соработка.
Ова би предизвикало туристички бум, првенството би го промовирало Балканот како водечка европска туристичка дестинација.
Иако е сè уште само идеја, Евробалканскиот турнир не е недостижен. Фудбалот честопати бил сила за единство – помагајќи во заздравувањето на раните, создавањето нови врски и споделувањето спомени. Во регион исполнет со страст, талент и историја, можеби дојде време Балканот да се обедини за да биде домаќин на најголемиот фудбалски настан во Европа, се заклучува во текстот.