Шпанските медиуми најавуваат дека идната недела ќе биде клучна за Реал Мадрид. Се очекува Зинедин Зидан да биде разрешен од тренерската позиција, односно по вторпат да го напушти кормилото на Кралевите откако сезонава ја заврши без освоен трофеј.
На негово место како што претходно се шпекулираше ќе пристигне Максимилијано Алегри. Италијанскиот стратег две сезони одмораше од обврски и конечно го дочека повикот од соништата, да ја преземе клупата на 13-кратниот европски првак.
Алегри одби неколку понуди од Серија А и Премиер лигата, чекаше разврска на „Сантијаго Бернабеу“ и по сите изгледи направи вистински избор. Како седумкратен шампион во Италија (шест титули со Јувентус, една со Милан), Алегри има искуство и во Лигата на шампионите ако се знае дека со Бјанконерите во 2015 и 2017 година трпеше порази во финалињата од Барселона и токму од Реал.
Со Алегри ќе почне новата ера на Галактикосите, во која се очекува големо освежување на екипата и пред сè можната преселба на Килијан Мбапе како најголема ѕвезда која Реал ја посакува во својот тим.