Иднината на Мурињо во Рома зависи од гостувањето на Сардинија

Жозе Мурињо може предвреме да ја заврши одисејата на клупата на Рома и за тоа одлучува еден натпревар, пишуваат италијанските медиуми.

Весникот „Кориере дело Спорт“ објави дека иднината на Португалецот во Рома зависи од утрешното гостување на Волчицата кај Калјари, и ако не победи на Сардинија, Мурињо веќе в понеделник може да биде сменет.

Според весникот, претседателот на Рома, Ден Фридкин, сакал да му врачи отказ на Мурињо уште минатиот четврток кога Рома загуби од Џенова со 4:1, но тогаш работата на Специјалниот му ја зачивал спортскиот директор Тијаго Пинто. Весникот пишува дека Фридкин ја загубил довербата во Мурињо и го чека првиот следен кикс за да му врачи отказ.

Рома лошо ја започна новата сезона, оствари само две победи во првите седум кола во Серија А, додека има две победи во првите две кола во Лигата на Европа.

Рома под водство на Мурињо во последните две години играше во две европски финалиња, триумфира во Лигата на конференции, а минатата сезона загуби од Севиља во финалето на Лигата на Европа.

Според „Кориере дело Спорт“, можен наследник на Португалецот на клупата на Рома е Ханси Флик, кој неодамна беше сменет од селекторската функција во германската репрезентација.

- Оглас -

Најнови вести