Ненад Димитријевиќ во мини-интервју за сајтот на шпанската кошаркарска лига изјави дека негов идол е Демон Малет, американски плеј кој лани ја заврши кариерата. Малет играше за Хувентуд од 2007 до 2009 и потоа од 2014 до 2016. Во неговиот втор престој во Бадалона, и Нено имал прилика да се запознае со оваа легенда.
„Кога бев кадет, во првиот тим на Хувентуд беше Демон Малет. За мене, тој беше спектакуларен плејмејкер, играч од многу високо ниво. Разговарав со него многу и ми претставува чест и гордост што го познавам. Немаше некакви спектакуларни физички предиспозиции, но секогаш знаеше каде треба да биде и што треба да направи, а тоа се најважни карактеристики за еден плејмејкер. Беше лидер на теренот, разговараше со сите соиграчи, ги бодреше, вистински шеф на паркетот“, вели Димитријевиќ.