Игокеа ја доби титулата во БиХ, се чека ли прогласување на МЗТ во Македонија?

Кошаркарската федерација на Босна и Херцеговина на денешната седница донесе одлука да се стави крај на домашното првенство, а титулите да ги добијат екипите кои моментно се лидери во машка и женска конкуренција. Според оваа одлука, на шампионски трофеј се радуваат кошаркарите на Игокеа во машка конкуренција и кошаркарките на Бановичи кај жените.

„Врз база на конечниот пласман на клубовите во машка и женска конкуренција во првенството на БиХ, за шампиони се прогласени Игокеа во машка и Бановичи во женска конкуренција“, стои во соопштението.

Одлуката ја донесе Управниот одбор на Кошаркарската федерација на БиХ откако првенството беше одложено на неодредено време поради епидемијата со Коронавирусот. Поради пандемијата од Коронавирусот, веќе се прогласени кошаркарските шампиони во Украина, Литванија и Белгија.

Според актуелната ситуација во Македонија, многу веројатно е дека ниту во нашата земја нема да продолжи кошаркарското првенство. Ако се гледа примерот во неколкуте европски земји, титулата во Македонија треба да ја освои актуелниот шампион МЗТ Скопје Аеродром, кој по 17 кола е лидер со 14 победи и три порази, пред Работнички и Гостивар, кои имаат по 12 победи и пет порази.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

- Оглас -

Најнови вести