На повидок е сензационален трансфер во кошаркарската АБА-лига, босанскиот првак Игокеа, е сериозно заинтересиран за доведување на голема ѕвезда, бекот Брендон Џенингс. Игокеа сака да игра и во Лигата на шампиони на ФИБА и во завршни преговори се со Џенингс, кој во 2009 година беше десетти пик на драфтот во НБА и на еден меч во најсилната лига на светот има дадено 55 поени.
Според информации кои доаѓаат од САД, Игокеа му фрлила око на Џенингс, кој има играно за Милвоки бакс, Детроит, Орландо, Њујорк и Вашингтон пред да замине во Кина. Потоа во 2018 се врати во Бакс, но кратко. Последен клуб му беше рускиот Зенит, каде што одигра само десет меча.
„Животна лекција: никогаш веќе нема да играм за тим во кој таткото го тренира синот“, порача Џенингс по заминувањето од Зенит.
Џенингс, кој беше дел од најдобрата дебитантска петорка во НБА во сезоната 2009/10 и стана најмлад играч во историјата кој дал 50 поени на еден меч, нема играно една и пол година.