Македонскиот репрезентативен голман Игор Алексовски е на чекор од трансфер во албанската Суперлига, каде што ќе го засили тимот на Влазнија од Скадар, јавуваат албанските медиуми.
Алексовски, кој во јуни остана без договор со Работнички, по три години во редовите на Романтичарите одлучи да ја започне својата прва интернационална авантура. Триесетгодишниот чувар на мрежата досега играше исклучиво во македонскиот шампионат, бранејќи за тимовите на Македонија ЃП, Вардар, Шкупи, Ренова и последно за Работнички.
Според последните информации, договорот со Влазнија е практично завршена работа и се очекува наскоро да биде официјализиран, со што Алексовски ќе им се приклучи на подготовките на албанскиот тим за новата сезона.
Во меѓувреме, Работнички веќе најде замена на голманската позиција. Клубот го ангажира младинскиот репрезентативец на Македонија, Васко Василев, кој доаѓа од Гостивар и се смета за голем потенцијал на оваа позиција.