Игор Алексовски состави хуманитарен тикет: Работнички да остане на врвот и Македонија да продолжи во победнички ритам

Со Работнички е лидер на табелата во македонскиот шампионат во моментот, а и единствен репрезентативец кој доаѓа од домашното првенство. Игор Алексовски, голманот на Работнички, овој викенд ќе го состави хуманитарниот тикет во Sport Life и ќе ја раскаже својата приказна за читателите на Спорт Манија.


Мирен и „кул“ надвор од теренот, но вистински лидер на одбраната на Романтичарите на голот. Најрадосен е кога нема да прими гол, но само доколку и неговиот тим оствари триумф. Тоа му успеа неколкупати оваа сезона и со Работнички, но и како дел од репрезентацијата на Македонија, иако таму голот го чува неприкосновениот Столе Димитриевски.

„Голема чест е да се биде дел од националниот тим, секој повик е ново искуство за мене, да тренирам и да работам со Столе Димитриевски и со Дамјан Шишковски, да го носам репрезентативниот дрес, да бидам дел од избраната група што ја претставува државата. И навистина направивме многу со овие две победи на гости во октомври, ние голманите гледаме со многу поголема гордост и дека тимот не прими гол. Имаме три победи по ред со онаа победа и против Ерменија во Скопје, веќе сме сигурни на првата позиција, а секако дека сакаме да го заокружиме на најдобар можен начин циклусот и со уште два триумфи, против Летонија и против Фарски Острови на домашен терен во ноември“, вели Игор Алексовски.

Заврши репрезентативната пауза, а сега повторно клупски активности. Работнички игра одлично во досегашниот тек од првенството, лидер е на табелата, а Игор Алексовски е најдобро оценетиот голман.

Веќе в недела следува дерби меѓу Работнички и Гостивар, единствените два тима кои засега се непоразени во шампионатот.

„Играме одлично, бележиме добри резултати и тоа е најважно. На репрезентативната пауза заминавме како лидери, но тоа е веќе зад нас, треба да се докажуваме на секој нареден натпревар затоа што само така можеме да ги оствариме целите на клубот. Овој викенд нѐ очекува дерби-натпревар против Гостивар, тоа е дуел на двата досега непоразени тима во шампионатот и се надеваме на нов успех“, истакнува голманот на Работнички.

По девет одиграни кола, Работнички се наоѓа на првото место на табелата со 19 освоени бода.

„Ќе се трудиме таму и да останеме. Тешко е да се дојде на врвот, но уште потешко е да се задржиш подолго таму. Долго е првенството, сѐ уште сме на почетокот и затоа сме максимално фокусирани да го дадеме најдоброто од себе и на секој нареден натпревар“, потенцира Игор Алексовски.

Тој овој викенд го состави хуманитарниот тикет во Sport Life, не се обложува пасионирано, меѓутоа секако ќе се обиде да ги погоди натпреварите и парите да ги донира таму каде што во моментов се најпотребни.

„Не сум фан на спортското обложување, но знаеме понекогаш со другарите да направиме тикет за забава и за поинтересно следење на натпреварите. Обично тоа е за мечевите од Лигата на шампионите затоа што во текот на викендот сепак јас имам професионални обврски со Работнички, натпревари и настапи во шампионатот на Македонија“, вели репрезентативниот голман.

Минатиот петок кошаркарскиот тренер Емил Рајковиќ имаше добитен хуманитарен тикет и парите од добивката ги донираше во СОС Детското село.

Хуманитарниот тикет на Игор Алексовски е подготвен, а и голманот е подготвен со Работнички да го одигра дерби-натпреварот од десеттото коло во Првата фудбалска лига против тимот на Гостивар, в недела од 14 часот.

- Оглас -

Најнови вести