Поранешниот македонски селектор Игор Ангеловски е меѓу тројцата најсериозни кандидати за преземање на тренерското место во сплитскиот Хајдук. Еден од двата најтрофејни и најпопуларни клуба во Хрватска се раздели со досегашниот тренер Јенс Густафсон, па клубот бара нов тренер кој би ја водел екипата во следниот период, а би дебитирал на саботниот меч со Хрватски Драговољац.
Освен Ангеловски, потенцијални тренери на Хајдук се и Литванецот Валдас Дамбраускас (до неодамна тренер на Лудогорец) и словенечкиот селектор Матјаж Кек. Ангеловски по ЕВРО 2020, го напушти кормилото на македонскиот национален тим и сега е слободен, а во клупската кариера работел во Работнички. Популарниот Мрме често е во Хрватска, а деновиве е виден во хрватската амбасада во Скопје, што само ги подгрева шпекулациите дека е во преговори со сплитските Били и чека работна дозвола.