Игор Ангеловски ќе остане на чело на фудбалската репрезентација на Македонија до декември 2020 година. Претседателот на ФФМ, Муамед Сејдини, и селекторот Ангеловски ги договорија условите за продолжување на договорот, кој истекуваше во ноември оваа година.
„Со постигнатите резултати во изминатиот период, Игор Ангеловски апсолутно ја оправда нашата доверба и го потврди вистинскиот избор на Управниот одбор на Федерацијата. Постигнатиот договор за продолжување на соработката сведочи дека имаме заеднички интерес, а тоа е успех на македонската репрезентација. Ние како раководство на Федерацијата, на Игор и на сите во репрезентативниот тим ќе им осигураме максимални услови за работа и подготовка сѐ со цел да се остварат резултатите кои ги посакуваме. Јасно е дека добриот резултат е единственото мерило за успех и искрено се надевам дека ќе продолжиме во таа насока. Посакувам многу среќа и успех во натпреварите, изјави претседателот на ФФМ, Муамед Сејдини.
Ангеловски дојде на чело на репрезентацијата во октомври 2015 година. Под негово водство Македонија си обезбеди полуфинале во дебитантскиот настап на Лигата на нациите, а со тоа и шанса за пласман на ЕП 2020 година. Покрај тоа, во квалификациите за следниот континентален собир Македонија по првите два меча има четири бода.
„Благодарност до претседателот Сејдини и до Управниот одбор за довербата. На сите можам да им ветам дека и во иднина ќе го давам својот максимум со цел репрезентацијата да напредува како што доликува на квалитетот на фудбалерите кои ги имаме во своите редови. За мене репрезентацијата е многу повеќе од селекторско место. Нема ништо посвето од тоа да го водиш националниот тим, а уште повеќе кога работиш со вакви фудбалери и соработници. Задоволен сум од она што го постигнавме во изминатиот период, но секогаш се стремиме кон подобро. Следните предизвици ќе бидат уште потешки, но верувам во себе и во квалитетите на фудбалерите. Тие се најзаслужните за резултатите и се надевам дека заеднички на крајот ќе ја оствариме толку посакуваната цел и ќе славиме пласман на големо натпреварување, изјави селекторот Игор Ангеловски.
Македонската репрезентација моментно се подготвува за дуелите против Австрија и Полска закажани за 7 и 10 јуни во Скопје, во квалификациите за ЕП 2020.