Родриго Силва де Гоес, или попознат само како Родриго побара од „Панини“ да направи корекција и да го вклучи во албумот со сликички за Светското првенство во Катар.
Познатиот италијански бренд „Панини“ го изостави напаѓачот на Реал Мадрид од бразилскиот состав во официјалниот албум, но тој е сигурен дека ќе игра за Кариоките во ноември и декември на Светското првенство.
„Вклучете го Реј во албумот со бразилски репрезентативци“, делумно и на шега напиша Родриго, свесен дека тоа нема да се случи и дека веќе е доцна за промени.
Конкуренцијата кај Бразилците за место во нападот е исклучително голема, но Родриго е убеден дека ќе биде во Катар со најтрофејната фудбалска нација.
Бразил е рекордер со пет шампионски титули,а и сега е кандидат за пехарот.
Родриго беше еден од јунаците на Реал Мадрид во ланската сезона при походот кон двете вредни титули, шампионската во Шпанија и европската круна во Лигата на шампионите.
Даваше клучни голови во нокаут-фазата во ЛШ, еден против Челзи во реванш-четвртфиналето со кој му донесе продолженија на Кралскиот клуб, а потоа и се радуваше на пласман понатаму.
Во следната фаза, во полуфиналето Родриго пак блесна во финишот на реванш-дуелот со Манчестер сити и со голови во 89-тата и во 91-вата минута пак обезбеди продолженија за Реал Мадрид, а потоа повторно се радуваше на победа.
Реал ја освои европската круна со триумф во Париз против Ливерпул со 1:0 во финалето, а Родриго го заврши циклусот во ЛШ со пет гола и две асистенции и како втор најдобар стрелец зад Карим Бензема.
И во оваа сезона игра одлично, вчера му даде гол на Шахтар Доњецк во победата од 2:1, а има постигнато четири погодоци со три асистенции на девет одиграни натпревари за Кралскиот клуб.