Шампионот на Фарски Острови, екипата на Клаксвик е најпријатното изненадување во квалификациите од Лигата на шампионите. Земјата која има аматерска лига има шампион кој успеа да направи две сензации, а сега е на прагот од трет подвиг.
Во првото квалификациско коло Клаксвик дома одигра 0:0 против Ференцварош, а потоа на гости убедливо со 3:0 го елиминира прославениот унгарски тим. Во второто коло „жртва“ на Клаксвик беше шведскиот Хакен. По 0:0 на свој терен, шампионот на Фарски Острови на гости одигра 3:3, а потоа победи на пенали.
Во првиот меч од третото коло во квалификациите, Клаксвик со 2:1 го победи Молде и сега е на прагот од пласман во плејофот за елитната лига на УЕФА.
Клаксвик е полупрофесионален клуб, а во составот најголем дел од играчите имаат и друга работа. Тоа значи дека овие фудбалери прво одат на работа, а во попладневните часови кога имаат време, тренираат фудбал.
Арни Фредериксберг е 31-годишен директор на фирма за увоз на храна и е апсолутен јунак во досегашниот дел од квалификациите. Фредериксберг ги даде двата гола против Молде, а вкупно во пет меча постигна шест погодоци, плус имаше две асистенции.
Просечната плата во клубот е 2.000 евра месечно и со еден ваков буџет сигурно ќе играат во групна фаза на едно од европските натпреварувања на УЕФА. Клаксвик се проценува на 2,77 милиони евра, а највредни играчи се Патрик да Силва (28 години) и Халур Хансон (31 година), кои се проценуваат по 300.000 евра.
Градот од којшто доаѓа овој клуб има само 5.000 жители.