Управата на Тотенхем заедно со менаџерот Маурисио Покетино изминатиов викенд одржале итен состанок на кој главна тема била позицијата на аргентинскиот стратег. Имено, на Покетино му ги бројат последните денови на клупата на Петлите поради лошите резултати од стартот на оваа сезона.
Челниците на европскиот вицепрвак сметаат дека ниту победа против Вест хем во следното коло од Премиер лигата нема да го спаси Покетино, но неколку причини ги спречуваат да реагираат.
Тотенхем прво ќе треба да му исплати 12,5 милиони фунти за предвремено раскинување на договорот, а не би сакале да го сторат тоа додека не најдат адекватна замена. Клубот од Лондон сè уште се бори со финансиската стабилност откако потроши една милијарда фунти за изградба на нов стадион, па доколку се ангажира нов тренер, тоа би значело дека ќе треба да се обнови речиси целиот тим по желба на новиот предводник, а моментално не се толку моќни.
Од друга страна, англиските медиуми тврдат дека за време на репрезентативната пауза фудбалерите на Тотенхем веќе зборувале меѓу себе околу отказот на Покетино и кој би можел да го наследи на кормилото, што значи дека Аргентинецот ја загуби довербата од својот тим.
Од врвните стратези кои моментално се без работа, Жозе Мурињо и Макс Алегри се потенцијалните заменици на Покетино, но тие двајца би барале висока годишна плата.