Полни со оптимизам и верба во своите квалитети, ракометарите на Алкалоид се подготвени за денешниот прв финален меч во ЕХФ Европскиот куп и тоа на гостински терен во Атина против АЕК.
Грчкиот тим ќе ја има предноста на домашен терен, но и искуството затоа што АЕК веќе еднаш го има освоено овој европски трофеј. Алкалоид е млада екипа која испишува клупска историја, но на клупата го има искусниот Кирил Лазаров кој многупати досега во својата кариера играл вака значајни дуели. Лазаров сега во улога на тренер им го пренесува знаењето на младите ракометари и верува во успех.
„Екипата е подготвена, мотивирана. Имаме желба и знаење. Можеби сме малку неискусни за финални натпревари, но работиме и на тој психолошки план. Верувам дека ќе се покажеме во најдобро светло и ќе стигнеме до посакуваниот резултат“, вели Лазаров.
Оптимизам владее и кај ракометарите и сите зборуваат за тоа дека е потребно да се победи во Атина, а потоа истото да се потврди и на реваншот во Скопје.
„Одиме на победа на двата натпревари. Не се задоволуваме со тоа што сме во финале. Сакаме да го освоиме трофејот, тоа не е мала работа“, вели Марко Стојковиќ.
АЕК е ривал составен од дури 17 интернационалци, во салата во Атина се очекува домашните навивачи да направат жешка атмосфера, но еден од најискусните во таборот на Алкалоид, Никола Маркоски вели дека тоа не смее да ги заплаши.
„Знаеме дека атмосферата ќе биде жешка, но за професионални спортисти треба да е уживање да играме пред полна сала. Најважно е ние на крајот да стигнеме до победата“, вели Маркоски.
Дуелот меѓу АЕК Атина и Алкалоид ќе започе во 18 часот.