Играчите од домашното првенство не добија ниту минута против Малта и Фарски Острови

Какво ни е и колку ни е квалитетно домашното првенство покажува и фактот што фудбалерите кои беа на списокот на селекторот Благоја Милевски, а настапуваат за клубови од македонското првенство не добија шанса да одиграат ниту минута против Малта и Фарски Острови. Повикани за настап беа голманите Кристијан Наумовски (Шкупи) и Игор Алексовски (Работнички), потоа Егзон Бејтулаи (Шкендија), Бојан Димоски (Академија Пандев) и Владица Брдаровски (Шкупи).

Овој факт е уште попоразителен кога ќе се прочитаат имињата на нашите противници. Без никој да биде потценет, но Малта и Фарски Острови не се селекции од европскиот врв, не се ниту од вториот ешалот, туку според рејтингот и успесите, далеку се зад нас.

Селекторот на прес-конференција во ноември 2021 година, кога немаше ниту еден фудбалер од домашното првенство на списокот, одговори:
„Искрено, квалитетот на Лигата и на самите натпревари во домашното првенство не е на потребно ниво. Реално, квалитетот кои го бараат овие квалификациски натпревари го нема во нашето првенство. Моментално е така. Јас посакувам нешто да се промени кон подобро. Не е морално да прават трансфери, но морално е да се подигне нивото на домашното првенство.“

Седумнаесет месеци подоцна, очигледно е дека првенството воопшто не е подобро. Според клупскиот рејтинг, тонеме надолу, под нас се само Андора, Црна Гора и Сан Марино, а ние во летото 2024 година ќе имаме само три екипи во европските купови, наместо четири како до сега.

- Оглас -

Најнови вести