Сантијаго Аријас по лошо ќе го памти дуелот на Колумбија против Венецуела, иако неговата селекција победи со 3:0. Десниот бек на теренот помина само осум минути, кога заработи тешка повреда на десната нога. Репрезентативецот на Колумбија беше во дуел со Мачис, кога успеа да ја исфрли топката во корнер, но при интервенцијата лошо падна и заработи скршеница на десната нога.
Кога играчите на двете репрезентации видоа за каква повреда се работи, се шокираа и со неверување се држеа за глава. Првично, судијата му даде црвен картон на играчот на Венецуела, но откако провери дека тој нема никаква вина за повредата на Аријас, исклучувањето беше поништено.
Според првичните проценки, паузата на Аријас ќе биде најмалку шест месеци. Десниот бек неодамна направи трансфер од Атлетико Мадрид во Баер Леверкузен, но додека не закрепне, нема да има шанса да се докаже во дресот на Фармацевтите.