Холандскиот фудбалер Анвер Ел Гази се најде во центарот на вниманието откако јавно даде поддршка за Палестина, кога започнаа бомбардирањета од страна на Израел. Ел Гази на социјалните мрежи даде порака со поддршка за Газа, па првично доби суспензија од неговиот тим Мајнц, а потоа следуваше и раскин на договорот.
Холанѓанецот со мароканско потекло порача дека нема да молчи, додавајќи дека нема оправдување за убиствата на децата. Откако доби раскин на договорот, Ел Гази реши да поднесе тужба, а судот пресуди во негова корист.
За изминатите девет месеци, Мајнц на Ел Гази треба да му исплати 1,7 милиони евра, а половина милион од тие пари ќе завршат како донација за децата во Појасот Газа.
„Сакам да им се заблагодарам на Мајнц за две работи. Прво, за значајната финансиска исплата од кои 500.000 евра ќе одат на финансиски проекти за децата во Газа. Второ, затоа што направија мојот глас да допре до целиот свет и тоа во обидот кога сакаа да ме замолчат“, напиша Ел Гази на социјалните мрежи.
По овој скандал во Мајнц, фудбалерот направи трансфер во велшки Кардиф. Овој фудбалер претходно во кариерата има играно и за екипите на Ајакс, Лил, ПСВ, Астон вила и Евертон.