Грузискиот репрезентативец Квича Кварацкелија летово направи трансфер од Динамо Батуми во Наполи. Овој трансфер изгледаше како остварување на сонот на 21-годишниот фудбалер, но се чини дека допрва ќе следува најдоброто во кариерата на Кварацкелија.
Грузиецот има договор со Наполи до 2027 година, но тешко дека тимот од Неапол ќе успее да го задржи долго во своите редови. Во 14-те дуели кои го одигра сезонава, Кварацкелија постигна вкупно седум гола, што е најава да се најде на радарот на Манчестер сити.
Наполи за Кварацкелија плати само 10 милиони евра и сигурно дека газдата Де Ларуентис очекува одлично да заработи од негова продажба. Првите шпекулации се дека офанзивниот крилен играч може уште во јаннуари да си замине од Наполи и тоа за сума од 50 милиони евра, што значи дека Наполи само за неколку месеци ќе заработи 40 милиони евра од овој играч.
Сепак, фактот дека Наполи игра одлично, а Кварацкелија е еден од лидерите во екипата, ќе значи и останување во екипата која има шампионски амбиции во Серија А. Наполи повеќе од 30 години чека на титула во италијанското првенство, а доколку успее тоа да го направи, вредноста на Кварацкелија сигурно дека дополнително ќе се зголеми.
Инаку, Кварацкелија игра на позиција на која во Наполи игра и македонскиот репрезентативец Елиф Елмас. Токму Елмас често знае да влезе во игра од клупата за резерви во последните 15-тина минути и тоа на местото на Грузиецот.