Вардар беше активен во зимскиот преоден рок и доведе петмина нови играчи, а едно од најзвучните имиња е Хоакин Торес. Аргентинецот кој игра на десната крилна позиција, а има 29 години, прв пат во кариерата ќе игра во Европа.
Торес има настапувано во родната земја, потоа во Чиле, а и во САД, но сега се реши за нов предизвик, а тоа е да се докаже во Европа. Тој вчера се појави во клупската база на Вардар во Хиподром, не тренираше, но изрази задоволство што ќе го носи црвено-црниот дрес на најтрофејниот клуб во Македонија.
„Најпрво, сакам да кажам дека сум многу среќен што сум овде. Имам голема почит за Вардар како тим, знам дека се работи за најдобриот тим од Македонија и сакам да се борам за големи нешта со клубот. Имам големо искуство во Јужна Америка, во Аргентина и Чиле, како и во и МЛС-лигата, па за мене ова е еден нов и голем европски предизвик во кариерата“, рече Торес.
Кога настапуваше во американската МЛС, Торес имаше чест и задоволство да игра и против неговиот најпознат сонародник, Лионел Меси. Аргентинецот верува дека добро ќе се клопи во Вардар и дека на крајот од сезоната ќе се радува на трофеј.
„Сакам да ја покажам најдобрата верзија од себе и да му помогнам на тимот да ги оствари своите цели. Имам големи очекувања за себе и очекувам да се адаптирам лесно во Вардар. Кратко време сум тука, но се запознав со некои од соиграчите и почувствував добра енергија. Вардар е прв во лигата, па ќе се обидеме да ја сочуваме заедно таа прва позиција и да го освоиме трофејот“, рече Аргентинецот кој е последното засилување кое Вардар го доведе во зимскиот преоден рок.

