Англиската федерација (ФА) му изрече забрана за играње фудбал од осум месеци на Иван Тонеј, кој беше обвинет во аферата за обложување. Тонеј сезонава играше одлично во дресот на Брентфорд и во 33 кола постигна 20 погодоци во Премиер лигата. Сепак, неговата зависност за обложување, сигурно му уништи шанса да направи трансфер во многу посилен клуб.
Според пишувањата, Тонеј имал дури 126 обложувања, а дури 29 обложувања биле на неговиот клуб. Тој дури 16 пати се обложувал на победи и други игри за неговиот клуб, додека 13 обложувања биле дека неговиот тим ќе загуби на седум различни средби.
„Од 29 обложувања, имало дури 13 обложувања дека тимот на Тонеј ќе изгуби на седум различни средби во периодот од 22 август 2017 до 3 март 2018 година. Господин Тонеј не играл на ниту еден од тие мечеви на коишто се обложил дека неговиот тим ќе загуби“, стои во соопштението на ФА.
Интересно е дека во мечевите на коишто играл, Тонеј давал инструкции да се обложуваат дека тој ќе постигне погодок. Поради сите овие прекршувања на правилата, фудбалерот е суспендиран, а засега тој не сака да коментира ништо околу овој случај.
Тонеј во март оваа година дебитираше за англиската репрезентација откако влезе како резерва во 81-вата минута на дуелот против Украина на 26 март. Сепак, поради суспензијата од осум месеци, тој сигурно нема да биде во составот на Гордиот Албион за дуелот против Македонија, кој ќе се игра следниот месец на „Олд Трафорд“.