Гонзало Игуаин покажа дека многу брзо ќе се прилагоди во Челзи. Аргентинскиот напаѓач даде два гола во убедливата победа на лондончани против Хадерсфилд од 5:0, во меч од 25. коло на Премиер лигата. Покрај Игуаин, два погодоци даде и Еден Азар, а пред самиот крај на мечот, гостите си дадоа и автогол.
Со овој триумф Челзи само покажа дека веќе го има заборавено високиот пораз од пред неколку дена, кога на гости кај Борнмут прими четири гола. Овојпат Челзи беше тој кој немаше милост кон противникот и со „петарда“ го испрати Хадерсфилд од „Стемфорд Бриџ“.
Барнли кој во претходното коло успеа да остане непоразен на „Олд Трафорд“ против Манчестер јунајтед, денеска на свој терен загуби од Саутемптон. Победнички од гостувањето кај Евертон си замина Вулверхемптон, а Кристал Палас славеше на свој терен во дуелот со Фулам, кој е во зоната за испаѓање.
Резултати: Брајтон – Ватфорд 0:0, Барнли – Саутемптон 0:1, Челзи – Хадерсфилд 5:0, Кристал Палас – Фулам 2:0, Евертон – Вулверхемптон 1:3. Во 18:30 часот играат Кардиф – Борнмут.