Гонзало Игуаин се врати во редовите на Јувентус откако Челзи денес ја прекина 18-месечната позајмица на Аргентинецот. Популарниот Пипита се задржа само шест месеци на Островот, иако позајмицата требаше да трае уште една сезона. Воедно, новиот тренер на Јувентус, Маурицио Сари, посака Игуаин да се врати во Торино, каде што ќе го користи како „план Б“ во нападот.
Во дресот на Челзи настапи вкупно на 18 натпревари на кои постигна пет гола, а Игуаин го напушти „Стемфорд бриџ“ со трофеј од Лигата на Европа.
Од таборот на Сините денес замина и Гери Кејхил. Англичанецот по седум и пол години ќе бара нов ангажман по истекот на договорот со клубот од Лондон. Кејхил запиша 291 настап во синиот дрес и освои осум трофеи, меѓу кои најважните се двете титули во Премиер лигата, пехарот во Лигата на шампионите, како и двата трофеи во Лигата на Европа.