Меѓународната ракометна федерација (ИХФ) неодамна го објави здравствениот протокол за Светското првенство кое започнува на 11 јануари, а сега се појавија нови информации поврзани со ковид-тестовите.
Федерациите мора да обезбедат негативни тестови за корона-вирусот не постари од 72 часа пред почетокот на турнирот и тоа за сите членови на делегациите кои се дел од Светското првенство, а ИХФ ќе спроведе и масовно тестирање во текот на турнирот.
Сите членови на репрезентациите ќе треба да поминат антигенски тестови по прелиминарниот круг и уште еден по главната фаза.
Ракометарите кои ќе бидат позитивни на тестирањето ќе мора да бидат изолирани пет дена, а потоа ќе може да се вратат во составот, секако со добиен негативен ПЦР тест. Оние кои ќе бидат во контакт со позитивен играч, нема да бидат во изолација и ќе може нормално да продолжат со натпреварувањето. Ваков сличен протокол имаше и минатата година на Европското првенство во 2022 година.
Македонија ќе биде дел од Мундијалот на кој ќе играат 32 селекции. Нашата репрезентација е во група со Норвешка, Холандија и Аргентина.