Малку повеќе од една недела останува да се дознае кој клуб ќе го крене трофејот во Купот на Македонија, а веќе започнаа тактичките надмудрувања и препукувања меѓу двата финалисти. Вардар и Струга Трим Лум ќе излезат на мегдан на 21 мај на Арената „Тодор Проески“, а само еден клуб ќе се радува на пехарот во најмасовното фудбалско натпреварување.
Во фудбалските кулоари се шпекулира дека по завршување на сезоната, Вардар треба да добие нов тренер, а како една од наметнатите опции се споменува токму тренерот на Струга Трим Лум, Илчо Ѓорѓиоски. Пред малку повеќе од три месеца, Ѓорѓиоски беше промовиран во нов стратег на тимот од Струга, а сега веќе некои шпекулации се дека во летниот период треба да ја замени тренерската клупа со таа на најтрофејниот клуб во Македонија.
Сепак, дека ова е новозможно да се оствари, потврдуваат од Вардар.
„Името на Илчо Ѓорѓиоски во ниту еден случај не може да влезе во комбинација да биде тренер на нашиот клуб со ваквата поставена структура во клубот. Таквите најави и шпекулации се со една цел, а тоа е да се внесе немир пред финалниот меч во Купот. Таквите игри нема да успеат“, е пораката од таборот на скопските Црвено-црни.
По неуспешни лобирања да се врати на чело на ФФМ, а во јуни минатата година исто така “се надеваше” за тренерска работа во Вардар. Двапати не ја доби довербата, а сега тоа е речиси невозможно по силната серија на Гоце Седлоски и тука е и несигурноста дека во новата сезона Струга ТЛ планира да доведе нов тренер (Александар Васоски). Ѓорѓиоски како тренер на Вардар има титула во првенството во 2012 година.
Финалето во Купот кое следува едноставно ќе биде повеќе од меч за двата клуба. Влогот како за Вардар така и за Струга ТЛ не е само освојување на куп-трофејот, туку со победа се обезбедува и европска виза за следната сезона.
Вардар е најтрофејниот клуб како во првенството, така и во Купот на Македонија, но поминаа 18 години од последната куп-радост на Црвено-црните. Во 2007 година, Вардар со 2:1 славеше над прилепска Победа, а сега речиси две децении подоцна, повторно игра во финалето.
За разлика од Вардар, Струга Трим Лум не знае што е тоа куп-титула. Овој клуб еднаш играше во финалето, но пред две години загуби од Македонија Ѓорче Петров со 2:0.