Македонскиот прволигаш Струга Трим Лум и тренерот Илчо Ѓорѓиоски се договорија за прекин на соработката по завршувањето на сезоната 2024/25. По взаемни разговори и размислувања околу идната насока на клубот, двете страни се согласија дека моментот е соодветен за промена.
„Ѓорѓиоски беше тој што ја понуди својата оставка, а истата беше прифатена од раководството на Струга Трим Лум, кое му се заблагодарува на стратегот од Скопје за неговиот професионализам и посветеност во целиот период поминат во нашиот клуб. Клубот го почитува овој чекор и смета дека е време за нов почеток и нов циклус. Во оваа пригода му се заблагодаруваме на Илчо Ѓорѓиоски и му посакуваме многу успех во неговата понатамошна кариера“, се наведува во соопштението на клубот.
Илчо Ѓорѓиоски беше назначен за тренер на Струга ТЛ во финишот на сезоната и ја водеше екипата околу два месеци. Под негово водство, тимот беше многу блиску до пласман во европските квалификации, но не успеа да го освои Купот на Македонија.
„Благодарност до раководството, техничкиот штаб, фудбалерите и целиот персонал за соработката што ја имавме во изминатиот период. Кога го презедов водството на тимот, верував дека ќе се квалификуваме во европските натпреварувања и бевме на прагот на остварување на таа цел, но за жал не го освоивме трофејот во финалето на Купот на Македонија. Поради овој факт, поднесувам оставка од позицијата шеф на стручниот штаб на клубот, со искрени желби за многу среќа и успех на Струга Трим Лум во иднина. Посакувам клубот да ги оствари своите амбиции, затоа што ги заслужува – поради поддржувачите и навивачите кои се секогаш со него“, изјави Ѓорѓиоски.