Србија и Аргентина од 13 часот го играат првиот четврт-финален дуел на Светското првенство во кошарка за мажи, а победникот оди во полуфинале против САД или Франција.
Аргентина без пораз дојде до четврт-финалето. Проблем за Србите се и постојаните преселби од еден во друг град, но и покрај сè, тие се големи фаворити на хартија. Нашите соседи имаат многу мотиви, победа веројатно ги носи блиску до ОИ во Токио следната година, а ќе сакаат да триумфираат и за плејмејкерот Василије Мициќ, чија мајка почина вчера.
„Аргентина игра убаво за око, со многу асистенции, некарактеристични додавања и потези на Кампацо и Лапровитола, го имаат и Скола, кој две децении е нивен амблем. Имаат и други добри играчи, ќе биде слично како против Шпанија. Ги анализиравме грешките, знаеме што ни носи полуфиналето, мора да бидеме мирни. Ова е најважен меч за нас“, рече селекторот Александар Ѓорѓевиќ.
ШЕСТ ЗЕМЈИ ВЕЌЕ ОБЕЗБЕДИЈА МЕСТО НА ОЛИМПИСКИОТ ТУРНИР
Кошаркарскиот турнир на ОИ во Токио 2020 ќе има 12 учесници, од кои половината веќе се знаат. Тоа се САД и Аргентина, како претставници на Америка, домаќинот Јапонија, како и Австралија, Иран и Нигерија, кои беа најдобри на ова СП од своите континенти.
Преку Мундобаскетот во Кина, на олимпискиот турнир ќе се пласираат уште две селекции, и тоа двете најдобри од Европа. Во игра се: Чешка, Франција, Полска, Србија и Шпанија. Останатите четири слободни места ќе се пополнат преку дополнителни квалификации следната година.
Првиот плеј на Аргентина, Факундо Кампацо, пред дуелот со Србите објави дека има мисија да го убеди ветеранот Луис Скола да игра на ОИ во Токио. Легендата Скола, кој во 2004 освои олимписко злато, најави повлекување од националниот тим по СП во Кина.