Или Нојер на гол или германска репрезентација без играчи од Баерн!

Спорот околу голманското место во германската фудбалска репрезентација почнува да излегува од контрола откако од најтрофејниот германски клуб Баерн Минхен се заканија дека ако не брани нивниот Мануел Нојер, нема да им дозволат на своите играчи да настапуваат за репрезентацијата.

Претседателот на Баерн, Ули Хенес, го најави можниот бојкот од кој најголема штета би имале Панцерите.

Веројатноста Нојер да го загуби стартното место во „Елф“ се појави по поплаките од Марк-Андре тер Штеген, кој смета дека не заслужува цело време да биде втор избор на селекторот Јоаким Лев. Ако чуварот на голот на Барселона стане стартер, а Нојер резерва, Баерн најавува дека ќе им забрани на своите членови да играат за Германија.

„Много е едноставно, ако се случи тоа, Баерн никогаш повеќе нема да ги пушти играчите во националниот тим на Германија. За нашиот клуб е недопустливо да има такава промена на голманското место”, изјави Хенес за весникот „Билд”.

Од Германската федерација засега не се загрижени од изјавите на Хенес и потсетуваат дека според Статутот на ФИФА, клубовите се должни да ги ослободат фудбалерите ако се повикани да играат за репрезентација.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

- Оглас -

Најнови вести