Кошаркарската репрезентација на Македонија ги заврши подготовките во Гевгелија со две победи над селекцијата на Швајцарија. Сега тренинзите продолжуваат во Скопје, а потоа ќе следи и преселба во Куманово, каде ќе бидеме домаќини на дуелите против Романија и Унгарија во претквалификациите за Светското првенство.
„Без разлика колку поени ќе дадеме, мене ми е важно што е можно помалку да примиме. Победивме и на вчерашниот натпревар, а она што ме радува е енергијата и хемијата која функционира беспрекорно. Во однос на грешките, денес бевме далеку подобри за разлика од првиот натпревар. Она што не краси е транзицијата и фактот дека секоја играч го дава максимумот на паркетот. Имаме сега уште една недела да се подготвиме за Романија. Од она што го гледам до сега сум задоволен. Имаме уште многу работа во секој случај.“ – вели селекторот на Македонија, Марјан Илиевски.
За разлика од вчерашниот дуел против Швајцарците, денес шанса за настап не добија сите играчи кои се дел од подготовките на националниот тим.
„Дел од кошаркарите се пожалија на повреди, но во секој случај е многу тешко да ротираш 17 играчи, а да одржиш ритам. Имаше забелешки дека вчера сме дале малку поени, но ние имавме кошаркари кои имаат по 20 или 21 година и треба да ги поддржиме и максимално да ги искористат добиените минути. Денес повеќе им дадов шанса на они играчи кои ќе имаат поголема минутажа, едноставно имаше потреба тие повеќе да играат денес.“ – додава Илиевски.
Пласман во главните квалификации за Светското првенство ќе обезбедат двете најдобри селекции од нашата група, а Македонија веќе се подготвува за првиот предизвик, мечот против Романија на домашен терен.
„Двата натпревари ги започнав со различна петторка. Имам некоја визија, но радува што играчите се вклопуваат во она што се бара од нив. Многу кратко сме заедна за да веќе имам идеалната петторка. Романија се уште ја немаме анализирано, бидејќи се уште не знаеме кој ќе биде нивниот странски кошаркар, но горе-доле знаеме кои се нивните носители, но се ќе зависи од тоа кој ќе биде странскиот играч.“ – рече Илиевски.
Натпреварот против Романија се игра во Куманово, на денот кога се слави големиот државен празник Илинден, втори август.