Пораот од 38 поени разлика на гостувањето кај Унгарија покажува дека составот на кошаркарската репрезентација на Македонија кој го имаме во моментов нема ни квалитет, а ни искуство за дуели со посериозни противници.
Селекторот Марјан Илиевски даде свое мислење веднаш по натпреварот во Солнок.
„Очекував денешниот натпревар да биде малку поинаков бидејќи мислам дека овие 38 разлика се премногу во однос на квалитетот на двете репрезентации. Мислам дека нашите кошаркари премногу ги респектираа Унгарците. Одигравме изедначена прва четвртина, а во останатиот дел од натпреварот, Унгарците имаа шутерско шоу. Примивме 15 тројки, Унгарија погоди дури 60 отсто од обидите за три поени, тие се екипа која има огромно искуство, играат одличен позициски напад и беше итекако мотивирана пред публиката во полната сала. Останува да анализираме и да го подобруваме сето она кое нашите играчи го поседуваат. Ова е максимумот, а во наредниот период ќе имаме надградба со стекнување искуство од играње во ваква атмосфера. Она на што треба да обратиме внимание е кога веќе резултатот оди во непосакувана негатива, треба да застанеме, да не бараме брзи решенија и така таа негатива да се продлабочува“, вели Илиевски.
Тој не сакаше да ги критикува своите избраници и најде и позитивни работи после овој пораз.
„Во целина, ќе дадам поддршка на моите играчи, на репрезентацијата, што се трудат да го спроведат на терен, го даваат својот максимум. Јас и стручниот штаб сме задоволни од тој аспект, но реалноста е дека искуството уште не постои кај нас“, додаде селекторот.