27.8 C
Skopje
понеделник, 14 јули 2025

Илиевски: Очекував да дојде Ненад Димитријевиќ, но за жал тој нема да биде во комбинација бидејќи летото го користи за свој одмор

Марјан Илиевски, новиот предводник на машката сениорска репрезентација на Македонија го истакна планот на подготовките, односно она што следува до 2. август за кога е предвиден и почетокот на втората фаза од претквалификациите за пласман на Светскиот Куп 2027 година во Катар.

„Во интерес на она што го затекнавме, моравме да го одложиме стартот на подготовките за неколку дена. Дел од играчите најавија отсуство, дел поради приватни причини, а дел добија дозвола да се приклучат подоцна. Повикани се 27 кошаркари од кои денеска требаше да се појават 11, но денеска ни откажа Лејсон Зеќири поради повреда што ја доживеа летово“, појасни селекторот на првиот собир во СРЦ „Кале“.

Илиевски го објасни и распоредот на активностите во наредниот период.

„На 17 јули заминуваме за Гевгелија, таму ги чекаме да се приклучат Адем Мекиќ и Теодор Симиќ, а на 22 јули или 23јули треба да пристигне Андреј Јакимовски. На списокот има и неколку младински репрезентативци и од нивниот ангажман зависи кога ќе се приклучат тие.

Очекував да дојде Ненад Димитријевиќ, но за жал тој нема да биде во комбинација бидејќи летото го користи за свој одмор и дава приоритет за клупската иднина. Ние бевме расположени да му овозможиме да дојде подоцна, но последната информација е дека тој нема да игра во овие претквалификации. Жалам што некои кошаркари, а и нивните клубови пристапија со став дека ова се претквалификации за Светско првенство и тоа не е многу важно, а би биле тука за претквалификации за Европско првенство. Добра вест е тоа што од странските кошаркари ќе го имаме Џејкоб Вајли бидејќи сметавме дека треба да ја покриеме центарската позиција“, рече Илиевски на првиот тренинг на сениорите.

- Оглас -

Најнови вести