Марјан Илиевски беше промовиран во нов селектор на машката сениорска кошаркарска репрезентација. Некогашниот кошаркар, кој има и сериозно тренерско искуство, е 17-тиот селектор што го имала Македонија и го наследува Александар Јончевски, кому договорот му беше истечен.
„Му благодарам на раководството што им укажаа чест и на моите стручни соработници. Очекувам од сите да бидеме вклучени и да си пружиме рака. Клубовите мора да извршат влијание врз играчите кои се репрезентативци и да сфатат дека тоа е интерес на сите. За жал, не би било прифатливо ако дојдеме до ситуација да наидеме на оспорување на кадарот кој се планира. Мојот апел е сите да размислуваме во насока на доброто на репрезентацијата без разлика дали ваучер-системот е скратен и сите да се вклучиме за ова да тргне во нагорна линија“, рече новиот селектор.
Помошници на селекторот Илиевски во стручниот штаб ќе му бидат Боро Даскаловски, Боби Митев и Мирко Петрески.
„Ќе разговарам со сите играчи кои најавија дека летово нема да бидат во репрезентацијата, да им го образложиме значењето на мечевите и од тоа ќе зависи со каков состав ќе располагаме, потоа би зборувал за резултати и амбиции. Би сакал и поискусните да дојдат уште сега, во август и ноември. Ако ги немаме тие играчи кои досега беа носители на репрезентацијата, мора да ќе дојде до подмладување. Треба да се разговара и со Шортс, кој ќе има нов клуб, не знаеме што ќе каже и дали сака да продолжи да игра за репрезентацијата. Димитријевиќ е столб и прво ќе разговарам со него. Имаше сезона каква што имаше, за него доѓаат подобри времиња и тренери кои ќе сметаат на него. Желбата е тој да биде присутен“, изјави Илиевски.
Договорот со Илиевски е за еден четиригодишен циклус, а во најава е дека од наесен се планира подмладување на А тимот.
„Вашето присуство е доказ дека сме направиле добар избор, Договорот со некои лица од претходното раководство беа истечени, имавме разговори со лица кои беа континуитет, со голем дел од нив не успеавме да најдеме заеднички јазик и би сакал да изразам благодарност до Марјан Илиевски и неговиот тим што имаа разбирање да ја прифатат подадената рака. Во моментов мора да констатираме дека Македонија е околу 30-тото место на листата на ФИБА Европа, времињата од пред 15 години се минати. Сакам да бидам оптимист, но треба да се биде реален оптимист и да се соочиме со потенцијалот со којшто располагаме во моментов“, претседателот на КФМ, Томица Главчев.