Вардар и Црвена ѕвезда вечерва со почеток во 20 часот на Националната арена во Скопје ќе одиграат хуманитарен натпревар, а собраните средства ќе бидат донирани за семејствата на настраданите и за повредените од големиот пожар во дискотеката „Пулс“ во Кочани.
Легендарниот дефанзивец и на двете екипи, Илија Најдоски, ја поздрави одлуката на двете екипи за одигрување ваков натпревар.
„Секоја чест за Sвезда што брзо реагираше и ја прифати иницијативата да гостува во главниот град на Македонија. Раководството на Црвено-белите на чело со генералниот директор Звездан Терзиќ направи убав гест. Луѓето во целата држава се воодушевени што по 30 години ќе имаат можност да ги гледаат великаните во дуел со еден од најчестите ривали во некогашната заедничка држава“, вели Најдоски за „Спортски журнал“.
Поранешниот репрезентативец на Македонија и Југославија вечерва во Скопје очекува полн стадион.
Црвено-белите имаат многу навивачи во Македонија. Има неколку здруженија на приврзаници на српскиот шампион ширум земјата и тие нема да ја пропуштат шансата да дојдат на стадион. Слушнав дека до понеделникот беа продадени 19.000 билети, има време да биде распродаден и целиот капацитет од 33.000“, додава Најдоски.