Пеп Гвардиола во неделата го одбележа илјадитиот натпревар во својата тренерска кариера. Тоа го стори на најубав можен начин, со победа над големиот ривал Ливерпул со 3-0.
Со ова Пеп ги затвори устите на критичарите по разочарувачката мината сезона и покажа дека се враќа на својот стар пат и покрај некои неочекувани порази оваа сезона од Астон вила, Тотенхем и Брајтон.
Каталонецот на клупата на Манчестер сити седеше на 550 натпревари, повеќе од двојно отколку со тимот на Барселона (247). Баварскиот гигант го водеше 161 пат, а на 42 натпревари беше предодник и на Б-тимот на Барселона.

Статистиката покажува дека Гвардиола во кариерата има 716 победи, 156 ремија и 128 порази, со просек на победи од 71,6%. Покрај тоа, Пеп освоил дури 40 трофеи, што го прави најуспешен тренер на модерната ера, па и во историјата.
Гвардиола има освоено 12 титули шампион, по три со Барселона и со Баерн Минхен и шест со Манчестер сити. Лигата на шампионите ја освои трипати, двапати со Барселона во 2009 и 2011 година и еднаш со Манчестер сити во 2023 година.
По разочарувачката сезона 2024/25 без трофеи, се чини дека Пеп со Сити повторно се враќа во големата трка за титули оваа сезона.
Манчестер сити е втор на табелата во Премиер лигата со 22 поени, четири помалку од Арсенал, додека во Лигата на шампионите е четврти со 10 поени, пред нив се само Баерн, Арсенал и Интер. Јасно е дека Пеп оваа сезона повторно сака да се бори за најважните трофеи.
Победата над Ливерпул е најдобар доказ дека тимот се движи во правилна насока, а мајсторството на Гвардиола е неговите екипи да имаат најдобра форма напролет, од март до мај, кога впрочем и следува разврската за најголемите трофеи.
Гвардиола го одбележа изминатиот викенд, но и „киксовите“ на Баерн Минхен и на Реал Мадрид. Сопре неверојатната побеничка серија на Баерн под водство на Венсан Компани, откако одигра само 2-2 на гостувањето кај Унион Берлин.
Реал Мадрид исто така не победи. „Заглави“ Кралскиот клуб на „Вајекас“, каде што Мбапе, Винисиус, Белингам и останатите не пронајдоа начин да ја затресат мрежата на Рајо Ваљелано. Тоа Барселона знаеше умешно да го искористи и да ја намали негативата само на три бода.
Следува репрезентативната пауза, а потоа со нови сили европските гиганти ќе тргнат во нови победи.

