Репрезентацијата на Холандија за играчи до 17 години е нов европски шампион во својата возрасна категорија, откако во денешното финале убедливо ја надигра Италија со 4-2.
Дилемите околу тоа кој ќе го крене победничкиот трофеј, беа решени уште по првото полувреме кое младите „лалиња“ го добија со 3-0, благодарение на головите во периодот од 20-та до 45-та минута. Четвртиот гол за „Оранје“ го даде 15-годишниот Унувар.
Италијанците во второто полувреме во кое играше и струмичанецот од Јувентус, Никола Секулов, со два гола на Коломбо го ублажија поразот, но мораа да се задоволат со среброто од ова ЕП кое се играше во ирската престолнина Даблин. Синоќешната победа на Холандија на музичкиот натпревар Евросонг, веројатно беше мотивација плус за младите фудбалери, па и тие ја израдуваа нацијата, и го збогатија овој викенд со уште еден меѓународен успех.