Кога станува збор за необични спортски рекорди, еден од најинтересните го држи Роберт Кармона (62), најстариот активен фудбалер во светот.
Роберт Кармона е уругвајски фудбалер кој игра како стопер и иако е во 63-тата година од животот, сè уште нема намера да ја заврши својата кариера. Тој е апсолутен рекордер во светскиот фудбал.
Благодарение на неговата страст кон фудбалот, тој се запишал во Гинисовата книга на рекорди како играч со најмногу сезони во активниот фудбал без прекин – неверојатни 44 сезони.
Покрај тоа, тој е сопственик на рекордот за најдолг период помеѓу два ангажмани во ист клуб. Имено, за тимот Ла Луз настапувал до 1985 година, а потоа повторно од 2009 година, што претставува пауза од 24 години – доволна за уште еден Гинисов рекорд.
Секако, неговите актуелни физички способности не му дозволуваат да игра за клубови од највисок ранг, па во моментов настапува за четвртолигашот Атлетико Нуево Касабо во Уругвај. Сепак, играњето фудбал на 63-годишна возраст е уникатен случај кој заслужува огромна почит.
За споредба, Кармона ја започнал својата кариера во 1980 година, во дресот на уругвајскиот великан Ливерпул од Монтевидео, истата година кога се родил легендарниот Роналдињо. Во меѓувреме, Роналдињо порасна, стана најдобриот играч на светот, доминираше во Европа, стекна статус на фудбалски волшебник, ја заврши кариерата, помина време во затвор и сега веќе девет години е пензионер. Во целиот тој период, Кармона останал активен фудбалер и нема намера да престане.
Најголемиот дел од својата кариера Кармона го поминал во Уругвај, но играл и низ Јужна Америка и за Филаделфија во САД. Од 2005 до 2011 година бил играч и тренер на Албион, но потоа се откажал од тренерската кариера за да продолжи како играч.